Октомври е месецот кога го славиме нашето училиште. На 13.10.2025 г. одбележавме триесет и шест години воспитно-образовна дејност. Во таа чест се одржаа низа активности со кои го потенциравме споменот и почитта кон нашиот патрон Магдалена Антова. Учениците од одделенска настава положија цвеќе на бистата на младата партизанка што се наоѓа во училишниот двор. Реализиравме низа спортски активности со нашите ученици, но и пријателски фудбалски натпревар со ООУ „Гоце Делчев “ од Свети Николе. Се одржа и литературно читање, митинг на поезијата, за учениците од предметна настава кои твореа лични творби на различни теми. Најуспешните се закитија со награди. Организиравме и награден ликовен конкурс на тема „Есента на Магдалена“ на кој учествуваа учениците од VI до IX одд.
На денот на училиштето се одржа Свечена седница и положување цвеќе на бистата од страна на гостите и претставници на локалната самоуправа. Подготвивме соодветна културно-уметничка приредба под мотото „Букет детски насмевки за вас“ на која учествуваа ученици од I до IX одделение кои со многу љубов и посветеност го покажаа својот талент. На настанот присуствуваа ученици, родители, претставници од Општина Куманово, претставници на основните училишта од градот, претставници од локалната заедница и други ценети гости.